Претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, од денеска до 23 јули ќе престојува во официјална посета на Македонија.
По повод посетата на индиската претседателка, Министерството за внатрешни работи најави посебен режим на сообраќај во Скопје. СВР Скопје – Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за регулирање на движењето по сообраќајниците на поширокото централно градско подрачје, со цел непречено и безбедно одвивање на активностите поврзани со официјалната делегација.
Од МВР апелираат до граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат униформираните полициски службеници, како и да имаат разбирање за можните краткотрајни застои и ограничувања во сообраќајот.
Официјалната посета на претседателката Мурму претставува значаен дипломатски настан во односите меѓу Северна Македонија и Индија, а во текот на нејзиниот престој се очекуваат средби со државниот врв и активности насочени кон унапредување на билатералната соработка.

