Жена на возраст од 53 години останала без неверојатна сума од околу 830.000 евра, откако се вљубила во измамник кој се претставувал како холивудскиот актер Бред Пит, беше веста која минатата година ги преплави светските медиуми. Стануваше збор за Ана, Французинка која се занимавала со внатрешен дизјан, а нејзиниот сопруг имал успешна фирма. Поради лажнит Бред Пит, таа завршила на клиника со тешка депресија, а нејзиниот брак завршил со развод. Денес, настанот доби расплет.
Приказната со лажниот Бред Пит започнала во февруари 2023 година, кога на Инстаграм добила порака, наводно од мајката на Бред Пит. Започнале да разговараат, се запознале, споделиле искуство од скијање во ски-центарот Тигнес во Франција, а веќе наредниот ден Ана добила порака од лице кое се претставило како Бред Пит.Започнале да комуницираат, се зближиле, и таа секојдневно добивала пораки, фотографии и видеа од наводниот Пит, но и од неговата мајка. По некое време, тој ја замолил да му испрати пари, бидејќи му требале за лекување на канцер на бубрег, а како што кажал, не можел да располага со своите пари се додека не се финализирал разводот со Анџелина Џоли. Лековерната жена во повеќе наврати му испратила поголеми суми на пари, а во меѓувреме и се развела од сопругот, очекувајќи брак со Бред Пит.
Целата приказна паднала во вода кога медиумите објавија фотографии од Пит со неговата нова девојка Инес Де Рамон. Тогаш Ана се посомневала дека е измамена и случајот го пријавила во полиција. Тогаш, во врска со случајот, францускиот медиум БФМТВ објави дека истрагата покажала дека лажниот Пит и испраќал на Ана фотографии и снимки направени со помош на вештачка интелигенција. Дури и праќал и видеа на кои наводно лежи во болнички кревет, со лекарски тимови околу него.
Веста се најде и на француските ТВ станици, а тамошни инспектори апелираа до јавноста да биде внимателна при онлајн комуникација со непознати лица, посебно кога некој бара поголеми суми на пари.
-Ана моментално е хоспитализирана на клиника и се лекува од тешка депресија. Цели две години измамникот извлекувал пари од неа, на крај нејзиниот брак завршил со развод токму поради лажниот Бред Пит. Како што им кажала на инспекторите, тој бил многу културен и внимателен, дури и пишувал и поезија, постојано и праќал видео пораки и фотографии и планирала заеднички живот со него. Истрагата е во тек, се трага по измамникот, а истражните органи апелираат до јавноста да не наседнува на слични измами и да внимава при онлајн комуникација со непознати лица, пренесе француската телевизија БФМТВ.
Неодамна, според објавите во француските медиуми, адвокатите на жртвата и полицијата успеале да ги пресретнат трансакциите и да утврдат дека зад профилите стојат три лица лоцирани во Нигерија. Овие мрежи на интернет-измамници се специјализирани за т.н. „романтични измами“ и користат софистицирани дигитални алатки. Парите што Ана ги уплаќала за наводната операција на Бред Пит биле префрлани на сметки во Турција, од каде што криминалците веднаш ги повлекувале и им се губела трагата.
Покрај овој случај, во 2024 година во Шпанија биле уапсени пет лица, кои исто така измамиле две жени глумејќи го Бред Пит.

