Популарниот фолк музичар Јордан Митев ја промовираше својата нова песна ,,Охрид” која е негово дело, а за истата е снимен и видео запис во кој се истакнати убавините на градот и на езерото.
За Викимедиа, Митев вели дека песната е напишана во еден здив, за време на негов семеен престој во Охрид, а за само неколку дена ја снимил и го заокружил целиот проект со видео.
-Охрид често го посетувам скоро 20 години и секогаш кога сум таму имам некое посебно чувство, бидејќи Охрид не е само град, тој е многу повеќе, Охрид е значајно историско место не само за Македонија и Балканот туку и за Европа па и светот.
За неговата посебност и убавина пишувале многу големи умови и значајни личности и мислам дека самото место какво што е, никого не може да остави рамнодушен.
Песната ја напишав во еден здив и ми дојде целата песна со звук и текст одеднаш за време на еден мој неодамнашен краток престој во Охрид со фамилијата.
Додека го гледав градот од една прекрасна позиција, буквално во еден здив ја создадов песната и неколку дена не ме остави на мира додека не ја снимам и реализирам целата идеја со видео, раскажува музичарот.
Откако се појави на сцената, пред околу 20 години, тој е еден од најангажираните домашни изведувачи на народна музика. Има богата ризница со авторски дела, и е чест гостин кај нашата дијаспора.
Вели дека иако постојано е работно ангажиран и посветен на нови проекти, како што минувале годините, се помалку чувствувал потреба да се доискажува и докажува на социјалните мрежи, па затоа и се поретко коментирал и објавувал.
За песната посветена на Охрид, раскажува дека е негов начин да ја покаже својата почит кон градот и езерото, и порачува дека кога секој би направил нешто позитивно за општеството, во свој домен, Македонија ќе биде многу поубаво место за живеење.
-Иако периодот сум доста зафатен, сепак успеав за кратко време да го реализирам проектот. Сметам дека е една убава музичка мисла која праќа позитивна енергија кај слушателот.
Охрид заслужува да биде сакан и почитуван пред се од нас домашните, наместо да бараме замерка да му ја намалиме вредноста. Јас мојата почит ја покажав преку мојата работа, подобро и повеќе од тоа не ни можам.
Доколку секој направи по нешто позитивно во својот домен, и не само за Охрид туку и за се што опфаќа оваа наше општество, верувам дека целото општество ќе ни биде поубаво и посреќно, истакна Митев.
Вики Клинчарова

