Во период кога Крушево се подготвува за чествувањето на големиот државен празник Илинден, од Центарот за јавно здравје Прилеп и од ЈП Комуна Крушево известиле дека водата од градскиот водовод моментално била бактериолошки неисправна за пиење, информираше вчера крушевскиот градоначалник Томе Христоски.
Тој на сограѓаните им препорача да користат пакувана вода за пиење, а водата од чешма да ја превриваат минимум 10 минути пред употреба за лична хигиена и миење на овошје и зеленчук. Истакна дека состојбата била под постојан надзор и ќе информирале навремено за секоја промена, во наредните 48 часа.
Денес пак, градоначалникот повторно се огласи и порача дека и покрај се, тој продолжувал да ја користи водата од водоводот на своја одговорност, и знаел дека анализите ќе биле корегирани после празникот.
-Изворските чешми кои ги користат крушевчани за разни лични потреби се во многу полоша состојба и бактеролошки понеисправни неколку пати за разлика од водоводот од кој се снабдуваме сите. Такви според Центарот за Јавно Здравје се добро познатите чешми на АРМ, Цепина, Јаноска, Буша, Струнга, кај Бензиската станица, Чешмата Гиги и Ловната, но исто така стариот водовод и во сите населени места од општината.
Во очи празникот Илинден, сакам јавно да прокоментирам и прашам дали може да пиеме вода од Прилеп, Кривогаштани, Кичево, Долнени, заради тоа што сме поврзани на истиот регионален водовод на Студенчица, за да мора да прогласиме некоја епидемија, вонредна состојба или исклучиво вода за пиење да користиме преку цистерни и флаширана вода да купуваме дури и за техничка, бидејќи, како што тргнала работава, ќе бараме дозволи и за дома да одиме.
Не сакам да верувам дека политиката и селективноста кон нашиот град имаат удел во сето ова, но на удар и засегнати се нашите сограѓани, или ова е уште една добро смислена игранка за ширење страв, паника, незадоволство како претходно што имаше во општините Струмица и Крива Паланка или за школото во с. Норово, објави Христоски.
Тој додава дека доколку водата била навистина бактеролошки лоша и неисправна, во Крушево ќе имало редици пред болницата.
-Ако до сега била ваква, навистина бактеролошки лоша, неисправна и хаотична ситуацијата со водата, до сега по мои информации од стручни служби во Здравствените установи, требаше да има редици граѓани кои се жалат на стомачни и вирусни заболувања како последица на водата, објави на социјалните мрежи крушевскиот градоначалник.
Деск

