Основното јавно обвинителство Кавадарци вчера информираше дека дежурен јавен обвинител извршил увид на лице место во куќа во која било пронајдено безживотно тело на 42-годишен маж.
-Телото било пронајдено покриено со земја и предмети во помошни простории, што првично упатува дека смртта е резултат на кривично дело. Семејството се обидувало неколку дена да го лоцира сега починатиот, кој живеел сам. Со цел расчистување на настанот, јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатиот. Од лице место подигнати се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Се издаваат наредби и насоки за откривање на сторител, соопштија од ОЈО Кавадарци.
Информацијата предизвика вознемиреност во Кавадарци и отвори повеќе прашања околу мистериозниот настан.
Денес од СВР Велес излегоа со детали за настанот. Според соопштението, кавадарчанецот бил убиен од неговиот брат, кој потоа ископал дупка во помошен објект и таму го закопал телото.
-Денеска (06.08.2025), ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.И.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничи дека на 27.07.2025 во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И.(42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.
Имено, вчера (05.08.2025), нивната сестра В.О.(44) во 11:00 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.. Додека, во 13:00 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.
Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И.. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото, соопштија од полицијата.
Деск
Фото: Илустрација