Иле беше предобар млад човек, сите сме во шок од неговата смрт, посебно од начинот на кој е прекинат неговиот живот, за Викимедиа раскажуваат блиски пријатели на Илија Иванов (42), чие тело вчера беше пронајдено закопано во помошен објект во неговата куќа, односно во шупа.
За убиството на Иле е поднесена кривична пријава против неговиот брат С.И. (43), кој според информации од МВР, го признал делото, односно признал дека со метален предмет го убил братот, а потоа телото го закопал во шупата во дворот, во куќата која им била заедничка.
Неговите пријатели велат дека тој долги години работел во приватна компанија во Кавадарци и бил еден од најискусните работници со ПВЦ столарија.
-Секогаш беше достапен за сите, на мравка не газеше и живееше во куќата на родителите кои беа починати. Немаше сопруга и деца. За неговиот брат убиец знаеме дека не беа во најдобри односи, имал проблеми поради коцкање, и претпоставуваме дека куќата на нивните родители, односно поделбата на имот била најголемата причина за ова злосторство, велат пријатели на Иле.
Додаваат дека Иле имал многу соработници од областа на ПВЦ столаријата и секогаш кога некој ќе го повикал на помош, доаѓал и работата ја завршувал максимално професионално. Низ животот одел тивко, немал никакви конфликти со никого, секогаш бил љубезен, услужлив и достапен за пријателите и за сограѓаните.
Инаку, сестрата на Иле вчера во кавадаречката полиција го пријавила за исчезнат, а претходно во куќата на браќата забележала ископ со ровка земја.
Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на младиот кавадарчанец.
Вики Клинчарова
Иле не газеше на мравка, не заслужи ваква смрт, велат пријатели на убиениот кавадарчанец
2 Mins Read