Министерот за здравство Азир Алиу денес е во Гостивар, неговиот роден град, и ќе оствари средби со сограѓаните, во рамки на иницијативата „Мобилен кабинет“. Тој им упати порака на граѓаните дека е тука за нив, и ги охрабри да споделат свои предлози, животни приказни, или пак доколку имаат некаква загриженост.
-Кабинетот се движи, твојот глас се слуша! Денес сме во Гостивар.
Прво ќе се оствари средба со здравствените работници во Општата болница, хероите кои секојдневно се грижат за нашето здравје.
Потоа, вратите на кабинетот се отворени за вас. Ако имате било каква загриженост, предлог или животна приказна што сакате да ја споделите, министерот е тука за вас. Без протокол. Без бариери. Само искрен разговор, човек со човек, во Гостивар, мојот роден град, порача Алиу.
Иницијативата „Мобилен кабинет“ претставува модел на теренска работа преку кој министерот за здравство, Азир Алиу заедно со членови на кабинетот, ќе ги посетува здравствените установи низ државата. Целта е директен увид во состојбите на јавните здравствени установи, подобра координација со медицинските работници и отворен дијалог со граѓаните.
Деск