Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ продолжува со нова, длабоко емотивна објава што ја носи моќната изведба на Наум Петрески на песната „Ако умрам ил загинам“, известуваат од Скендеровски Продукција, кои стојат зад проектот.
Додаваат дека овојпат проектот не говори само за татковината, туку и за пријателството – искрено, топло и трајно, преку видео кое на трогателен начин го прикажува пријателството меѓу Наум и Андреј од ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката во Кочани. Видеото содржи фотографии од дружбите на двајцата уметници и е посветено токму на споменот за Андреј – како музичар, пријател и човек.
-Песната, во својата нова аранжманска визија потпишана од маестро Николче Мицевски, го задржува духот на оригиналната верзија на Јонче Христовски, кој е и комплетен автор на композицијата, но го пренесува со интензитет што се чувствува до најситните пори. Наум Петрески, со својот препознатлив глас, ѝ дава нов живот – како молитва за земјата, но и како проштална порака до сакан пријател.
„…Немој да ме жалите, напијте се рујно вино…“ – стиховите одекнуваат не само како патриотска порака, туку и како човечка желба за достоинствен спомен, за живот што се слави, а не се оплакува, велат од продукцијата.
Деск

