Семејство од Кавадарци со три малолетни деца, кое наскоро го очекувало раѓањето и на четвртото дете, остана без кров над глава и апелира за помош. Минатата недела оваа фамилја го изгубила својот дом поради пожар, а како што раскажува за Викимедиа Орданче Бошковски, раководител на Центарот за невладини организации, на луѓето им е потребно се, бидејќи почнуваат од почеток.
-Од куќата нема останато ништо, значи на фамилијата и е потребно баш се, од градежни материјали, покуќнина, облека, обувки… Потребни се средства и за да се плати кирија, бидејќи сега тие се сместени во социјални соби, но таму не може да останат долг период.
Се работи за три машки деца на возраст од две, четири и девет години, а мајката е бремена, очекува девојче. Невработени се со таткото, немаат дури ни мобилни телефони.
Се прават напори да се обезбедат градежни материјали, веќе не контактираа од компанија од Кавадарци кои веројатно ќе донираат прозорци и врати, но недостигаат уште многу работи. Верувам во солидарноста на нашите сограѓани, веќе започнаа да се јавуваат луѓе кои сакаат да донираат, и секој кој има било што да понуди, може тоа да го донесе во Центарот за невладини организации или пак да ме побара на 075 590 856.
Се надевам дека не само граѓаните на Кавадарци, туку дека своја помош ќе понудат и граѓани од други општини, како и општествео одговорни компании, бидејќи семејството е во незавидна позиција.
Веќе се бара вработување за таткото, за да може да ја плаќа киријата, затоа што реновирањето на нивниот дом ќе потрае, вели Бошковски.
Додава дека среќа во несреќа е што пожарот се случил на лето, додека времето е топло, и се надева дека потребната помош ќе се собере додека да дојде есен, за да може семејството да се врати во својот дом и таму да го дочека и раѓањето на четвртото дете. Вели дека и градоначалникот Митко Јанчев бил запознат со настанот, и дека се правеле напори таткото да најде вработување, за да може да се грижи за фамилијата.
-Сите кои имаат било што за донација, ги замолувам да ме побараат на мобилниот телефон, или пак да дојдат и да ја донесат донацијата во просториите на центарот. Кавадарци е солидарен и хуман град, кој никогаш не ги остава своите сограѓани на цедило. Нека победи хуманоста и овојпат, да се избориме заедно за ова семејство да добие кров над глава, истакна Бошковски.
Вики Клинчарова
Кавадарчани ја покажуваат солидарноста на дело: Масовна акција за помош на семејство кое го изгуби домот: Имаат три мали деца, четвртото е на пат!
2 Mins Read

