Неготинци се уште чекаат ВМРО-ДПМНЕ да го соопшти името на кандидатот за градоначалник на претстојните Локални избори. Иако имињата на првите кандидати од партијата беа соопштени уште кон крајот на месец мај, а по десеттина дена следеа објавувањата и на другите кандидати, за Општина Неготино се уште се чека.
Актуелниот градоначалник д-р Горан Стојанов пак, вчера заедно со останатите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ присуствуваше во Скопје на настанот ,,Саем – отчет четири години работа за тебе” и таму го промовирше печатеното издание на Отчетот, во кој биле истакнати 106 реализирани проекти во Општина Неготино, за време на неговиот мандат.
Но, и покрај излагањето на панел дискусијата дека во неговиот мандат се реализирале неколку капитални проекти, од партијата се уште нема зелено светло околу тоа дали д-р Стојанов ќе влегува во игра за втор мандат. Неофицијално, покрај неговото, во игра биле имињата уште на двајца неготинци, од кои едниот е партиски активен со години наназад, а пак другиот е релативно ново партиско име.
И додека се чека објавувањето на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, кандидатот на СДСМ, кој беше претставен уште на 21-ви јуни започна со прес конференции.
Станува збор за Петар Мантев, професор во ООУ Гоце Делчев, кој претходно ја извршуваше функцијата директор на училиштето. За време на неговиот директорски мандат кој заврши по промената на власта, училиштето бележеше значителен напредок и беа извршени голем број на реновирања и санации, а се реализираа и повеќе проекти. Токму поради солидното менаџирање со установата, чести беа повиците на граѓаните на социјалните мрежи посветени на градот, дека Мантев треба да се кандидира за градоначалник и да ја среди општината така, како што го средил основното училиште.
Неофицијално, во тек на утрешниот ден треба да биде соопштено името на кандидатот за градоначалник на Неготино, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Вики Клинчарова

