Во период кога во земјава се актуелни општинските манифестации на кои покрај домашни музичари, најчесто како главни музички ѕвезди настапуваат популарни пејачи од регионот, до Викимедиа со своја реакција се огласија од ,,Здружение на естрадни уметници на Македонија” и од ,,Комората на музиката индустрија”.
Од здруженијата чиј прв човек е музичарот Горјан Стојановски истакнуваат дека се разочарани од македонските градоначалници поради ангажманите на странски пејачи на општински настани, и информираат дека подготвувале предлог-закон со кој на правен начин ќе се регулирала оваа ситуација, за да не се одлевале народни пари надвор од државата. Како што посочуваат во реакцијата, дури и да се работело за средства обезбедени од спонзори, а не од општински буџет, реагираат дека било небулоза на традиционални настани да настапуваат балкански пејачи.
Во прилог, реакцијата од ,,Здружение на естрадни уметници на Македонија” и од ,,Комората на музиката индустрија”
Реакција и револт за ангажирање странски пејачи:
-Раководството на ,,Здружение на Естрадни уметници на Македонија” и ,,Комората на музичка индустрија” се обраќа со револт и големо разочарување од страна на македонските општини и градоначалници кои упорно ангажираат странски изведувачи за настаните кои ги прават низ годината, а посебно во летните периоди.
Во подготовка сме на предлог-закон со кој на правен начин сакаме да ја регулираме оваа непожелна ситуација со која се одлеваат народни пари надвор од државата,пари со кој може да се направи многу повеќе за одредена општина заедно со околните села отколку едновечерно ,,општонародно српско весеље -роштилијада“ како што напиша еден наш колега пред неколку дена на својот профил за една од нашите општини.
Изминативе неколку години реагиравме кај неколку градоначалници директно по приватна линија со цел да ја сватиме поентата на нивното размислување и да посочиме дека се одлеваат многу пари од државата, на што одговараат дека голем дел од средствата секогаш ги даваат спонзори. Дури и да е така иако знаеме дека општините односно градоначалниците го имаат последниот збор и нивни се желбите за носење на балкански пеачи, прво зошто да се одлеваат парите на наши фирми надвор, а второ небулоза е да се викаат да пеат на наши национални настани поврзани со Македонска традиција и идентитет.
Тие не доаѓаат кога се прават хуманитарни настани, ниту ја презентираат нашата музика и држава кога е потребно, што значи дека нашата држава спонзорира, финансира и вреднува странски граѓани многу повеќе од свои.
Поразувачки и понижувачки е кога од општина ќе побараат македонски изведувач за одреден настан и по кажаната сума за ангажман често има реакции и обид на се намали сумата, за по некое време да видиме на реклама како ангажирале некој балкански пеач за десет пати поголема сума.
Секоја година сѐ по масовен е бројот на македонски музичари кои јавно го изразуваат револтот на социјалните медиуми и преку порталите, ние од ,,Здружението на Естрадни уметници“ и ,,Комората на музичка индустрија“ застануваме со истиот став позади сите нив со цел да се надмине овој проблем, наведено е во реакцијата.
В.К.

