Манифестацијата Гроздобер во Кавадарци беше една од најпопуларните уште во шеесеттите години на минатиот век, и во градот доаѓаа гости од цела Македонија за да уживаат во концертите на големите музички ѕвезди од цела Југославија. Голема чест во тоа време беше на општински настан да ти гостува Тереза Кесовија, Мија Алексиќ, Ѓорѓе Марјановиќ, Предраг Гојковиќ-Цуне, Лола Новаковиќ, Миодраг Петровиќ-Чкаља, Зафир Хаџиманов, Сенка Велетанлиќ, Љупка Димитровска, Петре Прличко… Сите овие ѕвезди од 1964 година, па натаму, гостуваа на гроздоберот во Кавадарци, во разговор за Викимедиа се сеќаваат повозрасни кавадарчани.
-Кавадаречкиот гроздобер, чие прво издание се одржа во далечната 1964 година беше вистинска атракција, не само за кавадарчани, туку за цела Македонија. Тогаш главната бина се наоѓаше на стариот градски пазар, а не на плоштадот, и настанот беше уникатна можност да се видат и слушаат во живо најголемите музички имиња од цела Југославија.
Гордост за жителите на Кавадарци беше што во градот ни доаѓаа Тереза, Чкаља, Лола, Ѓорѓе, Мија… Покрај нив, доаѓаа гости од цела земја, а целиот град беше уреден со посебна сценографија. Од мали авиони кои летаа над градот се пуштаа летки на кои пишуваше дека сите гости се добредојдени, имаше настапи на локални групи кои дефилираа низ главната улица свирејќи, имаше мото трки, а доаѓаа и ансамбли и уметнички друштва од други земји. Уште тогаш, на првите изданија на настанот, истиот беше така креиран, намерно осмислен со туристички карактер, раскажуваат кавадаречки пензионери.
И композиторот Ристо Вешков од Кавадарци, во разговор за Викимедиа вели дека тој заедно со неговиот бенд ВИС Младост, редовно учествувал на гроздоберот, и бил дел од карневалот.

-Максимално бевме испочитувани сите кои во тој период функциониравме како локални бендови и имавме учество во гроздоберската прослава. Конкретно ние со ВИС Младост, успеавме и да зачуваме фотографии од еден од постарите гроздобери, од пред околу пет децении, кога свиревме на карневалот. Актуелен беше и нашиот сограѓанин Васо Ангелов со мексиканските пејачи – маријачи, па се сеќавам дека на шега поради тоа го викавме Сењор Басо. Убави времиња беа, а поради гостувањето на популарните музички гости од сите поранешни Ју републики, гроздоберот беше атракција на која доаѓаше многу народ од цела земја во градот уште пред 50 години, вели композиторот.
Годинава на манифестацијата од 5-ти до 7-ми септември повторно доаѓаат познати музички имиња. Ќе настапат Тајзи, Теодора Џехверовиќ, Андријана Петрушовска, Куку Леле, Наташа Беквалац, Харис Џиновиќ, Либеро Бенд, Марија Шерифовиќ и други.
Вики Клинчарова

