Популарниот пејач Харис Џиновиќ (73) и годинава доаѓа во Кавадарци и ќе настапи во склоп на програмата на Тиквешки гроздобер. Ова ќе биде негово трето гостување на манифестацијата, која традиционално се одржува во септември, а неговиот концерт е закажан на седми (недела), на финалната вечер од настанот. После него следуваат настапите на Либеро Бенд и на евровизиската победничка Марија Шерифовиќ.
Околу тоа како Џиновиќ по третпат ќе гостува на гроздоберот, за Викимедиа од Општина Кавадарци велат дека уште кога за првпат дошол во градот, по одличниот прием од публиката, но и поради убавата празнична атмосфера во Кавадарци, тој изразил желба пак да дојде, но и да запее без хонорар.
-Неговиот концерт е еден вид на подарок за публиката во Кавадарци, тој ќе настапи на гроздоберот бесплатно. Во повеќе наврати уште при првото гостување ни кажа –Го засакав Кавадарци, преубав ми е градот, луѓето се гостопримливи, а празничната атмосфера премногу ми се допаѓа.
Беше воодушевен од целиот настан, од карневалот, од бројните гости од целиот свет, од спонтаното гостопримство на кавадарчани, дружбите со добро вино… Затоа, по негова иницијатива, тој пак ни доаѓа во градот и овојпат ќе пее без хонорар, велат од општината.
И градоначалникот Митко Јанчев потврди дека Џиновиќ настапува без хонорар.
Инаку, музичарот е активен на сцената од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век. Роден е во Сараево, а живее во Белград. Во јули беше главна музичка ѕвезда на Пивофест во Прилеп, а на 30-ти август ќе настапи во Берово, на манифестацијата ,,Етно Плоштад Фестивал 2025“.
Вики Клинчарова

