Во рамките на „Museumuferfest“ во Франкфурт, настан кој секоја година ги обединува посетителите од регионот и многубројните туристи од целиот свет, Министерството за култура и туризам успешно ја промовираше Македонија како врвна европска дестинација, соопшти Министерството за култура.
Од таму додаваат дека Македонија била претставена како држава со автентична култура, недопрена природа, примамлива гастрономија, земја која има врски со светот, за што зборувале и податоците – во првите пет месеци од 2025 година бројот на германски туристи што ја посетија Македонија порасна за 219 %, односно над 23 000 Германци.
-Во рамките на саемот, на посетителите им беше претставено и богатото културно наследство на нашата држава – археолошките локалитети, недвижните културни добра, артефактите, музејските поставки, кои се непобитни показатели за нашето културно-историско минато.
Претставувањето на саемот е уште една иницијатива поттикната од воспоставената соработка со Германскиот археолошки институт и Археолошкиот музеј од Франкфурт, што неодамна беше официјализирана и со потпишувањето на билатерални документи со Министерството за култура и туризам и Музејот на град Скопје. Посетителите на саемот имаа можност да ја проследат и изложбата на Музејот на град Скопје „Масовната гробница во Скупи – една темна страна на римската историја“, која во Археолошкиот музеј во Франкфурт беше отворена минатата година, а досега ја посетија над 10 000 посетители. На свечениот прием што беше организиран во чест на претставувањето на нашата држава присуствуваа државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова, амбасадорот Илбер Села, директорот на Археолошкиот музеј, д-р Волфганг Давид, директорот на Музејот на град Скопје, д-р Панче Велков, и други гости, соопштија од министерството.
Деск

