Поминаа триипол години откако исчезна Петар Џобески, тогаш десет-годишно момче, кое живеело во Прилеп, а за време на исчезнувањето бил со родителите во село Врпско каде чувале пчели. До денес, не се знае неговата судбина, иако со недели по исчезнувањето беа организирани масовни потраги во кои беа вклучени големи екипи. Му се изгуби траг среде бел ден, на 25-ти февруари 2022 година, откако заминал од дворот облечен во тенка облека кога температурите беа доста ниски.
Денес, неговото семејство се уште живее со неодговорени прашања, а случајот веќе и не се спомнува во медиумите.
Таткото на Петар, Стојо, за ВИКИМЕДИА вели дека повеќе од една година не бил контактиран од надлежните служби и не бил известен дали евентуално има било каков нов траг во потрагата.
-Последен пат кога ме повикаа, беше пред повеќе од една година. Ми зедоа примерок од плунка, за да се направи ДНК анализа. После тоа, никој ми се нема јавено. Останавме да живееме во неизвесност, и постојано во мислите си ги враќаме сликите од тој ден, кога нашето дете исчезна, раскажува Стојо.
Вели дека првите денови од исчезнувањето на Петар, кога во Врпско биле присутни голем број на полициски службеници и инспектори, го распрашувале дали евентуално слушнал возило во движење во периодот кога го снема детето.
Се присетил дека слушнал звуци за кои отпрвин мислел дека доаѓаат од воздух, односно дека можеби се работело за хеликоптер, но потоа, колку повеќе размислувал за настанот и се присетувал на тие моменти, вели дека сфатил како се работело за звуци кои најверојатно доаѓале од некакво поголемо возило, односно од џип.
-Првин мислев дека слушнав хеликоптер, но тие моменти постојано си ги враќам во мислите, и сега сум уверен дека звуците беа од џип, од поголемо возило. После сите овие години, јас тоа и го претпоставувам, дека детето ми беше киднапирано и однесено со возило, како инаку не се најде досега?
Било каде да беше во околината, ќе го најдевме, бидејќи сам не би можел далеку да стигне, вели таткото.
Додава дека во времето кога се трагаше по Петар, траг од стапка од детска чизма бил забележан кај последните куќи во селото. Момчето кога исчезнало носело гумени чизми, тренерки и елек.
-Беше обуен во гумени чизми, кои пред да и се смалат, ги носеше неговата сестра. Ни кажаа тогаш дека имало траг од чизмите кај последните куќи во селото, за друг траг не слушнавме ништо. Немаме информација ниту за траги од автомобилски гуми, а јас се сомневам дека кој и да дошол, кој и да го зел нашето дете, сигурно дека добро го познавал теренот и целата околина. Ние не знаеме самите што да направиме, ни преостанува само да чекаме информации од надлежните служби, но и од таму нема никаков глас веќе долго време, вели Стојо.
Петар бил дете со попреченост и тешко комуницирал, но како што раскажуваше неговата мајка во повеќе наврати во минатото, тој бил мирно дете за кое целото семејство се грижело со љубов.
Неговата фотографија е објавена на официјалната страница за исчезнати лица при Министерството за внатрешни работи, со податоците за датум на раѓање и датум на исчезнување. Момчето има плава коса и црни очи, а кога исчезнало било високо околу 140 сантиметри и тешко околу 35 килограми.
Тој не е единственото дете кое исчезна во Мариовско. Во 2009 година исчезна 6-годишната Ангела Ѓорѓиоска од Дуње, а остатоци од нејзиното тело беа пронајдени по шест месеци, кај селото Пештани во Мариово. Никогаш не се дозна како починало девојчето, бидејќи докторите од Судска медицина не можеа да прецизираат како настанала смртта, затоа што телото било растргнато од диви животни.
Вики Клинчарова
Ми зедоа плунка за ДНК анализа и толку, повеќе од една година никој не се јави да каже дали има некаков траг од нашето дете, вели таткото на исчезнатиот Петар
3 Mins Read
Previous ArticleЗа пет месеци Македонија ја посетиле над 23.000 Германци!

