Полицаец од Полициската станица во Велес заработи кривична пријава и одземен му бил службениот пиштол, бидејќи се заканувал на сопственик на сервис за продажба и поправки на возила, како и на неговото семејство. Според информации од Министерството за внатрешни работи, полицаецот купил половно возило, а кога кај истото настанал дефект, упатил закани кон сопственикот на сервисот и кон неговото семејство.
-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство Велес поднесе кривична пријава против С.А., на работно место полицаец во Полициска станица од општа надлежност Велес, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „загрозување на сигурноста“ по член 144 став 2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.
С.А. на 31.08.2025 со намера да вознемири или заплаши сопственик на сервис за продажба и поправка на возила од кого купил половно возило, за кое добил гаранција дека е во исправна состојба, но кратко време по продажбата при управување настанал дефект, му упатил закани на него и на членови од неговото семејство.
Од страна на ПС ОН Велес на полицискиот службеник С.А. одземено му е службеното оружје со кое бил задолжен, а Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка, соопштија од МВР.
Деск
Фото: Илустрација

