Иван Огњановски (59), човекот кому му беше извршена првата трансплантација на срце од починат донор во земјава, на 23-ти мај 2020 година, починал денес. Веста за ВИКИМЕДИА ја потврди неговиот син Васил.
Иван имаше 54 години кога го доби срцето на 43-годишната Емилија Динева од Стар Дојран која настрада во сообраќајка. Со операцијата која траеше околу шест часа беше испишана историја во јавното здравство и во кардиохирургијата во Македонија.
Една година по трансплантацијата, Иван започна со работа на државна кардиохирургија, како дел од администрацијата на клиниката, и кажа дека е благодарен што добил шанса за нов живот.
Како еден од големите парадокси беше тоа што по трансплантацијата на Иван не му следувала инвалидска пензија, а не можел да се врати на старата работа во градежништвото, па поради тоа, како што ни изјави неговиот син Васил пред три години, професорот д-р Јовев му помогнал на Иван да се вработи во администрацијата на клиниката.
Исто така, Васил во интервју ни раскажа дека со семејството на донорот Емилија, се спријателиле и често се посетувале, и дека помеѓу нив засекогаш ќе остане голема поврзаност.
Вики Клинчарова

