Претседателката Гордана Силјановска Давкова демантира дека се фотографирала покрај восочни фигури на американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија. Таа се огласи на својата официјална страница, појаснувајќи дека написите кои се објавиле во некои медуми, а во кои се тврдело дека станува збор за восочни фигури, биле неточни и злонамерни.
-Ве информирам дека фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп.
Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација.
Упатувам апел до медиумите за професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип, посочи претседателката.
Истовремено, во повеќе бугарски медиуми се објави фотографија со бугарскиот премиер Росен Жељазков, кој позира со Трамп и Меланија, а кои се во речиси идентична поза како и на фотографијата со претседателката Силјановска Давкова.
Како што објавија бугарски медиуми по повод фотографијата, таа била направена во Њујорк, за време на традиционалната фото сесија по повод заседанието на Генералното собрание на ОН.
Ова не е првпат во јавност да се шират шпекулации околу тоа дали наши политичари позирале покрај Трамп и Меланија, или пак се работи за нивни восочни фигури.

И пред шест години, за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, тогашниот премиер Зоран Заев со сопругата Зорица позираше со Трамп и неговата сопруга, а по објавата на заедничката фотографија, исто во јавност се појавија коментари дека станува збор за восочни фигури.
В.К.

