Забраната за употреба на водата за пиење и нејзино користење при подготвување на храна во Неготино, се уште е на сила, за ВИКИМЕДИА денес потврдуваат од Центарот за јавно здравје Кавадарци.
Ова е 12-ти ден како водата не смее да се употребува поради настанат дефект, кој во меѓувреме бил саниран, но се до добивање на официјални резултати од мострите кои биле земени за анализа, забраната е активна.
Како што појаснуваат од ЦЈЗ Кавадарци, во понеделник се очекуваат резултатите, и тогаш од институцијата ќе излезат со ново соопштение за јавност. Според последните резултати, од 26 земени мостри, во една од нив било регистрирано благо покачување на бактерии.
Во меѓувреме, граѓаните реагираат дека многу лица пројавиле стомачни проблеми, но и прашуваат зошто од општината не се обезбеди питка вода, односно зошто не се постават цистерни со вода и зошто не им се донираат пакети со флаширана вода, бидејќи проблемот е актуелен веќе подолг период.
-Речиси две недели купуваме цели пакети со шишиња вода за пиење, како и петлитарски туби со вода која ја користиме при приготвување на храната. Некои граѓани, дури користат и пластичен прибор за јадење, бидејќи стравуваат да ги мијат садовите со вода која е забранета за употреба, што е сосема разбирливо. Информациите кои јавно ги соопштуваат надлежните институции се доста оскудни, и за жал, голем е бројот на граѓани кои веќе заборавија на актуелната забрана и продолжија со користење на водата, реагираат неготинци.
Првичните информации за неисправната вода, со непријатен мирис и вкус, започнаа да пристигаат од граѓаните уште на 17-ти септември, за да на 18-ти септември наутро од ЈП Комуналец соопштат дека водата е забранета за употреба.
Инаку, забраната е актуелна речиси во цел град, односно на улиците „Индустриска“, „Маршал Тито“, „29 Ноември”, „11 Октомври“, „Никола Петров“, „Манчо Малиминов“, „Душан Јуруков“, „Димче Мирчев“, „Гоце Делчев“, „Питу Гули“, „Васка Калајџиска“ и ,,Антигона“.
В.К.
Веќе 12 дена е забранета за употреба водата за пиење во Неготино: Општината да ни донира пакети со вода, бараат граѓаните
2 Mins Read

