Струмичкиот градоначалник Костадин Костдинов, денес се огласи по повод започнувањето на кампањата за Локалните избори. Иако го замрзна членството во матичната партија СДСМ, и реагираше бидејќи не го кандидираа повторно за градоначалник, тој на кандидатите им посака фер кампања, да им оди со лесно, но и Господ да им биде на помош.
-Денес започнува официјално кампањата за претстојните локални избори, период во кој нашата демократска зрелост повторно ќе биде ставена на тест.
Струмица секогаш била пример за политичка коректност и фер натпревар на идеи. Овие избори, особено за нашиот град, се различни од сите претходни. Токму затоа, најважно е сите кандидати и за градоначалници и за советници да се насочат кон локалните предизвици и решенија, наместо кон национални или, уште полошо, меѓународни теми, објави Костадинов.
Понатаму, тој додава дека Струмица има потреба од визија и континуиран развој.
-Визионерството понекогаш знае да биде сурово, бидејќи одлуките што се носат можат да изгледаат тешки и непопуларни. Но важно е тие одлуки искрено да се прикажат пред граѓаните, дури и кога во очите на градоначалникот изгледаат сурови. Само така може да се обезбедат трајни резултати и стабилна иднина. Одрекувањето или оградувањето од визионерските проекти не му носи добро на никого, напротив ја поткопува довербата и најмногу им штети на граѓаните.
Струмица отсекогаш била пионер на прогресивни политики и проекти, од времето на Манолев, преку Грчев, Јанев, Заев и Јаневски, па сè до денес. Освен со прогресивноста, нашиот град се гордее со дух на миролјубие, вистинска еднаквост и инклузија на етничките малцинства, афирмација на жената и нејзината улога во општеството, зачувување на традиционалните и духовни вредности, развој на културата и спортот, сè што ја прави Струмица посебна.
На сите кандидати им посакувам фер и коректна кампања. Нека победи вистинската визија, визијата на човек кој уште денес треба да има јасна слика за тоа како ќе изгледа Струмица по четири години, на денот кога ќе треба достоинствено да ја предаде должноста.
Со лесно и Господ на помош, истакна Костадинов.
Деск
Господ на помош, им порача Костадинов на кандидатите за градоначалници во Струмица
2 Mins Read
Previous ArticleНОБ ја отвора сезоната со ,,Реквием” на Моцарт

