Централниот митинг на СДСМ и коалицијата во Неготино ќе се одржи на осми октомври (среда) на градскиот плоштад, со почеток од 20.00 часот. Кандидатот за градоначалник, Петар Мантев, вчера објави и промотивно видео на својата официјална страница, во кое во кратки црти зборува за својата визија за родното Неготино.
-Да го вратиме сјајот на наше Неготино, да изградиме иднина, порачува тој во видеото и додава дека тие избираат напредок, паркови, чисти улици, современи училишта, лозја и вино со иднина.
-Град со ред и план, транспарентна општина, шанса за младите, достоинство за постарите. Јас верувам во резултат, не во празни ветувања за улиците, училиштата, инфраструктурата… Ова не се само зборови, ова е обврска, истакнува Мантев.
За ВИКИМЕДИА пак, открива дека решил да ја прифати кандидатурата за градоначалник, бидејќи гледал како неговиот роден град тоне, и сакал да го даде својот максимум за враќање на сјајот на Неготино.

-Жално е ова кое се случува во нашата општина, а на кое сведочиме, гледаме како Неготино, град лоциран во срцето на Европа, тоне. Пресудна да се кандидирам за градоначалник беше желбата на сограѓаните, кои како сведоци на резултатите кои ги постигнав како директор во Основното општинско училиште ,,Гоце Делчев” неретко излегуваа со предлог да застанам на чело на градот, вели Мантев, кој сега работи како наставник во училиштето.
Јавните повици да се кандидира за градоначалник на Општина Неготино, упатени кон него од страна на бројни граѓани, беа актуелни уште пред пет години. Неговото успешно менаџирање со образовната установа, и успесите на училиштето на кои сведочеше јавноста, не само на локално, туку и на регионално ниво, беа причина неговото име да се спомнува како можен кандидат за градоначалник и на претходните Локални избори, во 2021 година.
Иако тогаш, во неколку наврати се заблагодари на сограѓаните за искажаната доверба и бројните предлози да го води градот, кои се објавуваа на страници на социјалните мрежи посветени на општината, денес вели дека решил да го прифати предизвикот, со верба во својата визија.
Покрај Мантев, кандидати за функцијата градоначалник на Општина Неготино се и Марија Нацева од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Јасминка Ристова од политичката партија Демократи.
Вики Клинчарова

