Од 26-ти септември жителите на Неготино очекуваат одговори од надлежните служби во врска со пожарот кој избувна во вечерните часови во деловен објект каде се подготвуваше отворање на Синсеј, познат бренд кој за првпат требаше да започне со работа во градот. Дали бил случајно предизвикан, поради нечие невнимание, или пак се работи за намерно подметнат пожар кој ги загрози животите на станарите во зградата, прашуваат неготинци.
Објектот каде се случи пожарот се наоѓа на приземје во станбена зграда во центарот на градот, и од истиот беа опожарени надворешни делови на четири станови, а само брзата реакција на противпожарната служба спречи голема катастрофа. Започнал пред објектот, каде биле оставени празни кутии, бидејќи истиот ден се редела роба, а потоа се проширил и делумно го зафатил објектот.
Ноќта навремено беа евакуирани станарите, од кои повеќето се млади семејства со мали деца и бебиња.
Според досегашните официјални информации кои ги соопшти Секторот за внатрешни работи Велес, увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Неготино.
На прашањата на загрижените граѓани, дали во градот има пироман, или пак станува збор за немил настан поради нечие невнимание, кој доведе во опасност многу животи, се уште нема одговор од институциите.
И по две недели од вознемирувачкиот настан, не се соопштени официјални детали за причината за пожарот, и покрај бројните шпекулации и прашања на неготинци, дали евентуално некому му пречеше доаѓањето во градот на брендот познат по ниските цени.
ВИКИМЕДИА уште пред неколку дена се обрати до Секторот за внатрешни работи Велес со прашања околу настанот, односно дали од досегашната истрага се утврдени причините за пожарот, но до објавата на веста не добивме повратен одговор.
В.К.

