Група на пчелари од Тиквешијата, со цел да помогнат во собирањето на средства за малата Симона од Кавадарци на која и е потребно скапо лекување во Мексико, решиле да се обединат, но и да ги вклучат и пчеларите од цела земја во својата хумана мисија.
Тие организираат уникатен настан во недела, на градскиот плоштад во Кавадарци, каде на штанд ќе го продаваат својот мед, а сите собрани средства, до последен денар ќе бидат донирани на семејството на Симона.

Како што раскажа за ВИКИМЕДИА пчеларот Атанаско Шишков од Неготино, кој е организатор на настанот, целта е да се покаже солидарност во тешките моменти низ кои минува ова семејство, на кое му е потребна сума од околу 150.000 евра, за да може нивното дете да застане на нозе и да почне да чекори.
-Собравме многу голема количина на мед, само во првата етапа се собраа над 130 килограми првокласен мед. Се започна како идеја, за да се направи нешто со кое ќе му се помогне на семејството при собирање на потребните средства, а одзивот на кој наиде оваа хумана мисија е многу голем. Од Тиквешијата тргна акцијата, значи од Кавадарци и Неготино, за да потоа без двоумење се вклучат и пчелари од Куманово, Битола, Кочани, Штип… од цела Македонија!
Медот кој ќе биде изложен на штандот ќе се продава по цена од 500 денари за килограм и ќе има пакувања со разни големини. Сите средства ќе му бидат донирани на семејството, а доколку остане мед, ќе му го предадеме на семејството, а и ќе помогнеме да се најдат купувачи за истиот, вели Шишков.
Додава дека заинтересираните граѓани ќе можат да го посетат хуманитарниот штанд во недела од 09.00 до 17.00 часот, и купувајќи од медот, да дадат свој придонес, за да може Симона што побргу да замине на лекување и да застане на нозе.

-Веруваме во хуманоста на жителите на Тиквешијата. Кавадарци и Неготино секогаш знаеле да подадат рака во тешки моменти и стоеле заедно кога станува збор за солидарност. Во случајов, што многу не радува, се вклучија и пчеларите од цела земја, постојано пристигаат теглите со мед.
Очекуваме да се распродаде медот до последна тегла, затоа што овојпат нашиот мед има многу поголема вредност. Да покажеме дека силата е во заедништвото и да и дадеме надеж на Симона, истакна хуманиот пчелар.
Вики Клинчарова

