Пред речиси три недели голем пожар во центарот на Неготино зафати деловен објект на приземјето и опожари надворешни делови на четири станови во зграда, а животите на станарите беа доведени во опасност.
На прашањето кое е актуелно помеѓу граѓаните, дали се работи за намерно подметнат пожар, или пак истиот случајно бил предизвикан поради нечие невнимание, уште нема одговор, бидејќи според информација од Секторот за внатрешни работи Велес, се уште се преземале мерки за расветлување на настанот.
Како што одговорија за ВИКИМЕДИА од СВР Велес, истрагата за пожарот била во тек.
-Во врска со вашето барање на информација, во врска со настанат пожар на 26.09.2025 пред деловен објект во Неготино, ве известуваме дека од страна на ОВР Неготино се превземаат оперативно тактички мерки и дејствија со цел расветлување на настанот, односно истрагата е сеуште во тек и притоа се собираат материјални докази, а по комплетирање на целокупната документација, ќе биде доставена до надлежното ОЈО во Кавадарци, истакнаа од секторот.
Инаку, според официјалните информации од надлежните служби, огнените пламени започнале пред објектот на брендот Синсеј, кој се подготвувал за свечено отворање наредните денови и каде имало оставено празни кутии, а потоа огнот се проширил.
Станарите во зградата беа евакуирани, како и вработените и постителите на казиното кое исто така се наоѓа на приземјето во зградата. И по една недела од настанот, дел од станарите кажуваа дека не можат да си влезат во домовите, поради неподносливиот мирис на чад.
Во случајот, голема трагедија беше избегната благодарение на брзата реакција на противпожарната единица од градот.
Вики Клинчарова
Се уште се собираат материјални докази за пожарот во Неготино и се работи на расветлување на случајот, откриваат од СВР Велес
2 Mins Read

