Музичарот Питер Џон Босе од Холандија, кој беше вистинска атракција на домашната забавна сцена, откако во 1988 година на фестивалот ,,Макфест” го отпеа хитот ,,Самба во Штип”, по долги години повторно се враќа на истото место, на макфестовската сцена.
Тој ќе настапи на јубилејното 40-то издание на ,,Макфест” кое годинава ќе трае три, наместо два дена, и тоа од 23-ти до 25-ти октомври.
Питер ќе настапи третата вечер, кога ќе бидат изведени хитовите кои го одбележаа фестивалот. Покрај него, ќе гостуваат и Ристо Самарџиев, Тања Кочовска, Силви Бенд, Мики Јовановски – Џафер и други.
Инаку, Џон Босе кој е по потекло од Амстердам, по стекнатата слава во земјава, кон крајот на осумдесеттите години, сними повеќе песни, а имаше и други настапи на ,,Макфест”, но популарноста на ,,Самба во Штип” не му се повтори.

Од она кое се знаеше за него, од негови постари интервјуа, тој работел како музички продуцент и туристички водич во Белград, и дошол во Охрид водејќи група туристи од Холандија.
Во земјава остана околу 30 години, а потоа пред десеттина години се преселил во Бугарија, каде започнал да живее на селски имот во близина на Стара Загора, и се занимавал со изнајмување на апартмани.
Фестивалот ,,Макфест” пак, ќе се одржи во Домот на културата во Штип, и ќе биде со ревијален карактер. Наскоро ќе бидат најавени учесниците, а единствена награда која се доделува е таа за најслушана песна помеѓу два фестивали.
Вики Клинчарова

