Вечерва на полноќ завршува изборната кампања и започнува предизборниот молк. Во недела ќе се одржи првиот круг од Локалните избори.
Ќе се избираат градоначалници во 80 општини и во Град Скопје. Вториот круг на Локалните избори е предвидено да се одржи на 2-ри ноември 2025 година.
Ова се осми по ред Локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година.
Најчестите предизборни ветувања кои граѓаните ги слушаа изминатите дваесет дена се оние на тема борба со градската нечистотија и загадување, решавање на проблеми со јавниот превоз, ветувања за повеќе зеленило, асфалтирање на улици, решавање на проблеми со канализации…
Ќе се гласа на 3.480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10.490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025 изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање. Дополнително на овие пари е и сумата за надоместоците на членовите на избирачките одбори и транспортот и дистрибуцијата на членовите на ИО и избирачкиот материјал од ОИК до избирачките места каде што ќе се гласа, бидејќи тие ги обезбедуваат локалните самоуправи.
Деск

