Македонија и официјално нема да учествува на популарниот музички натпревар Евровизија 2026, а неизвесно е дали тоа ќе се случи и во 2027 година.
Јавниот сервис Македонска радио телевизија, која е носител на лиценцата за Избор на песна за Евровизија, го објави записникот од последната Седница на Програмскиот совет на МРТ, каде се разговарало за евентуално враќање на земјата на Евросонг.
-Захарија Вулгаракис, Директор на МТВ констатираше дека доколку повторно се аплицира за учество на Евровизија, неопходно е да се направи добра стратегија за учество во 2027 година со квалитетен производ, а засега би било добро да се вложува во домашните фестивали како Цветници и Скопски фестивал со цел развивање на домашните пејачи, автори, публиката, па потоа да се оди „нагор”, пишува во записникот.
На седницата исто така било истакнато дека до Програмскиот совет пристигнале повеќе пораки од граѓани, кои барале Македонија да се врати како учесник на Евровизија.
Според директорот Вулгаракис, финансиската ситуација во изминатите години не дозволувала Македонија да учествува, при што секое претходно учество предизвикувало финансиски и организациски проблеми за МРТ.
В.К.

