Постоечкиот Ски-центар „Михајлово“ на Кожуф планина, кој се наоѓа на околу 40 километри од Кавадарци, и започна со работа на први јануари годинава, ќе се проширува и ќе ја збогати понудата за љубителите на зимските спортови, открива кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
Отворањето на центарот беше вистинска атракција, не само за Тиквешијата, и зимава доаѓаа граѓани од сите краеви на земјата.
Оние посетители кои уживаа во зимските спортови и чистиот воздух на Кожув, каде има и угостителски објект, со цел гостите да можат да го поминат целиот ден на планина, забележаа дека таму живеат и неколку кучиња со среден раст, кои дружељубиво се врткаат околу луѓето. Не се знае од каде и како дошле на планината, а љубезните посетители им даваа храна.
За ВИКИМЕДИА градоначалникот Јанчев вели дека со цел кучињата да си останат на локацијата која е нивни дом, ќе обезбедат доволно храна за нив во тек на цела година.
-За кученцата кои живеат на Кожуф, ќе бидат поставени хранилки и редовно ќе се обезбедуваат вреќи со дехидрирана кучешка храна. Локацијата е нивен дом, од посетителите слушаме дека се весели и пријателски настроени, воопшто нема да биде проблем да се обезбеди храна за нив, ни изјави градоначалникот, откако граѓани му посочиле дека при посета на центарот таму редовно ги сретнувале истите кученца.
Инаку, ,,Михајлово” веќе располага со една скијачка патека наречена „Македонија“, долга 400 метри и опремена со ски-лифт од 370 метри, а се гради и нова скијачка патека- „Кожувска Панорама“ со должина од 1.200 метри и надморска височина од 1.400 метри, како и доградба на уште две ски стази и доградба на ски лифт. Има ски тепих, како и ски опрема за изнајмување.
Новата стаза ќе започне со работа на први јануари 2026 година. За да се стигне до центарот од Кавадарци, потребни се околу 40 до 50 минути. Патот е тесен, но сепак зимава беше комплетно исчистен од снег и лесно прооден, а има и голем број на ознаки, со цел посетителите да патуваат безбедно и лесно да ја најдат дестинацијата.
В.К.
Јанчев ќе постави хранилки и ќе обезбеди храна за кученцата кои живеат на ски центарот ,,Михајлово”: Посетителите ќе ги дочекаат нови ски стази на први јануари!
2 Mins Read

