Преполна сала. Стоечки овации. Виена на нозе и со бескрајно долг аплауз ја поздрави беспрекорната музичка изведба на Македонската филхармонија, објави Филхармонија на својата официјална страница. Од институцијата додаваат дека со концертот уште еднаш се потврдило дека не политичарите, туку уметниците се вистинските амбасадори на нашата земја.
-Синоќа, на сцената на една од најпрестижните концертни сали во светот, во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Музичарите од нашиот оркестар, заедно со фантастичните Ана и Игор Дурловски го освоија срцето на виенската публика, која долго и со восхит аплаудираше посебно воодушевена од делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на композиторот Сони Петровски.
Синоќа во “Златната сала” на “Музикферајн” се слушна душата на една мала земја со големо срце.
Македонија блесна таму каде што музиката е религија, а уметноста начин на живот.
Со овој концерт уште еднаш потврдивме дека вистински амбасадори на нашата земја не се политичарите, туку уметниците, оние што преку музиката ја носат сончевата светлина на нашата земја во целиот свет, истакнаа од Филхармонија.
Б.Н.
Филхармонија: Не политичарите, туку уметниците се вистински амбасадори на нашата земја!
1 Min Read

