Неготинецот Петар Ставров (32), познат помеѓу своите сограѓани како Хиксот, деновиве е актуелен во јавноста откако за првпат се појави во рекламно видео во етерот, и тоа во улога на викинг во која одлично се снајде. Младиот Петар во Неготино има фаст фуд сендвичарници, и никогаш во минатото не бил дел од моделство или актерство.
Сепак, во рекламното видео на Мото Илинден, снимено со студиото Генерал на режисерот Дарио Јанковиќ, тој ги освои симпатиите на публиката, оставајќи впечаток како отсекогаш да бил дел од тој свет. За ВИКИМЕДИА раскажа како започнало се, и како сосема непланирано запловил во водите на актерството.
-Во градот ме знаат како Петар Хиксот, работам со фаст фуд сендвичарите Ритуал и ова беше мое прво појавување во реклама. Се случи непланирано и спонтано, но целиот проект излезе одлично. Пред некое време на вашиот веб портал ВИКИМЕДИА случајно го прочитав текстот, дека познато студио бара актер за реклама, маж со долга коса и брада кој знае да јава на коњ.
Ниту самиот не знам како, ете во еден момент решив да се пријавам, најмногу поради физичкиот изглед кој се бараше. Потоа, се е историја! Од студиото Генерал, на чие чело е искусниот режисер Дарио Јанковиќ ме повикаа, го разгледав сценариото, и без никакво претходно искуство пред камерите го започнав ова несекојдневно патешествие. На крај, добивме добар производ, интересно рекламно видео, што многу ме радува, вели Петар.
Раскажува дека неговото деби во актерството било изненадување за неговите блиски, бидејќи никогаш во минатото не се испробал во актерство, но добил поддршка од сите кои го познавале.
-Добив поддршка од сопругата, од семејството, од пријателите. Ми беше чест да работам со еден професионален и искусен тим на чело со Јанковиќ, и искрено се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и во идинина, дека публиката ќе може да ме гледа почесто на екранот.
Понекогаш некои работи кои се случуваат без планирање, излегуваат баш така, како што треба. Ете, ова мое деби без никакво претходно искуство е една од тие спонтани работи, и се надевам дека публиката е задоволна од овој интересен проект, ни изјави Петар.

И режисерот Јанковиќ, чие Генерал студио функционира со години наназад и зад себе има огромен број на снимени музички видео спотови, рекламни видеа и други материјали, ни изјави дека е задоволен од целиот проект, како и од Петар, кој одлично се снашол во својата прва улога.
Во продолжение, линк од рекламното видео:
https://www.facebook.com/reel/25170636422553217
Вики Клинчарова
Фото: Приватна архива

