Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова присуствувала на свечената вечера приредена од францускиот претседател Емануел Макрон, во чест на високите гости на Парискиот мировен форум. Таа објави фотографии од настанот и истакна дека во пријатна атмосфера се воделе разговори за зајакнување на глобалниот мир.
– Вчеравечер присуствував на свечената вечера приредена од францускиот претседател Емануел Макрон, во чест на високите гости на Парискиот мировен форум. Во пријатна атмосфера водевме разговори насочени кон зајакнување на глобалниот мир. Само преку заемна почит и разбирање можеме да создадеме услови за напредок и побезбедна иднина за сите, објави Сиљановска – Давкова.
Таа се сретна со Макрон и пред еден месец, на приемот организиран од кралот на Данска, Фредерик Х и кралицата Мери Елизабет во Amalienborg Palace, во пресрет на седмиот состанок на Европската политичка заедница во Копенхаген. Тогаш порача дека и било задоволство да биде во друштво и да поразговара со францускиот претседател Емануел Макрон, кралицата Мери Елизабет, бугарскиот премиер Росен Жељасков, британскиот премиер Кир Стамер, со претседателот на Литванија и со премиерите на Финска и на Малта.
Деск

