Секоја година од земјава заминувале од 15.000 до 25.000 Македонци, на сезонска работа во странство. Најчеста дестинација е Хрватска, каде лани биле регистрирани 15.680 лица како сезонски работници, а голем број од нашите граѓани се одлучиле и за Грција, Црна Гора, Бугарија…
Ова го соопшти Зоран Кочовски, сопственикот на познатата агенција за посредување за работа во странство – Коузон, во своето гостување во ТВ21.
Тој зборуваше и за перманентната миграција во Германија, Малта, Италија…
Според бројките кои ги кажа, ситуацијата е како цел еден град од земјава да останува празен за време на летната сезона, односно државата останува без околу 20.000 свои жители.
Токму поради тоа, веќе неколку години наназад, нашите угостители , но и трговци, посебно во тек на лето, имаат недостиг на работна сила, бидејќи најголемиот дел од сезонците работат во тие сектори.
Кочовски додаде дека ЕУ воведува нов систем, па во иднина државите членки ќе можеле да примат само одреден број на сезонски работници, со цел да се спречат злоупотреби, бидејќи дел од сезонските работници по завршувањето на сезоната, често мигрирале во други земји членки на ЕУ.
Деск

