Откако денес на прес конференција се огласи ексминистерот за земјоделство од СДСМ, Љупчо Николовски, и изјави дека во петокот од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање плаќања е донесена и дистрибуирана до македонските власти одлука за суспендирање на програмата ИПАРД-3, односно дека има целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, поради скандалот со примање и барање мито од страна на директорот на платежната агенција и уште четири други лица, со демант излезе министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Како што е наведено во соопштението на страницата на МЗШВ, немало никаква блокада на ИПАРД, а Брисел дури ја пофалил борбата против корупцијата која се водела во Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
-Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на кои што сме како држава корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата која што ја водиме во моментов и дополнителните проверки кои што ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Она што веднаш по сознанието односно акцијата која што ја спроведе Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД средствата“, појасни министерот.
Министерот Трипуновски посочи дека во брз период ќе има нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи со нормална динамика.
„Ние како држава сме решени да ја спроведеме борбата против корупцијата“, нагласи тој.
Деск
Николовски кажа дека илјадници земјоделци останале без исплата поради блокада на ИПАРД-3, Трипуновски вели дека нема таква најава и Брисел ги пофалил поради борбата со корупцијата
2 Mins Read

