Ликовната уметница Ивона Петрова (23) од Неготино, ќе ја има својата прва самостојна изложба, со наслов ,,Заедно”. Истатата ќе биде отворена утре (12.11.2025) во 20 часот, во Изложбен салон Империјал во Скопје.
Младата девојка, која неколку години наназад живее и твори во Скопје е добитник на наградата ,,Борко Лазески” за 2024 година, а истата го носи името на основоположникот на современото монументално сликарство во Македонија, и се доделува веќе 30 години. Формирана е од фамилијата на авторот и Факултетот за ликовни уметности – Скопје (ФЛУ) за најдобриот студент од сликарскиот оддел на факултетот.

Изложбата на Петрова е прва која ќе биде сместена во просториите на ЈУ КИЦ – Скопје, бидејќи претходните изложби се реализираа во просториите на ФЛУ и Музејот на Град Скопје.
За ВИКИМЕДИА Ивона Петрова раскажува дека на настанот ќе бидат изложени 17 дела, а повеќето од сликите биле во комбинирана техника, масло, пастел, дрвени бои, на различни подлоги, како платно, картон, лист хартија…
Освен уметнички слики, ќе бидат изложени и фотографии, инсталација, интарзија и мозаик.
-Мотивите за создавање на уметничко дело се безброј. Често не целосно познати ниту за оној кој го создава, за творецот. Да, долгата историја на творење нѐ има научено како да развиваме системи и методологии за полесно анализирање и категоризирање на уметноста, вклучително и на нејзините „причини“. Но, сепак тие се само мапа за полесно снаоѓање, не и суштина или фактичка дестинација.

Како што Аристотеловата категоризација на живиот свет не ја опишува магнитудата или сепството на животот, така ни теоризацијата на уметничките мотиви и практики не ја доловува нивната целост. Сепак, човечки е, а често и утилитарно, (пост-фестум) да се обидеме да рационализираме и систематизираме, особено она што е недофатливо, како творечката инспирација или ритуалот, вели Петрова.
Додава дека и е голема чест што минатата година ја добила престижната награда ,,Борко Лазески”, а за нејзините дела, вели дека во нив се скриени зборовите кои тишината никогаш не дозволила да бидат искажани.
-Минатата година ја имав честа да бидам добитник на наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности, која подразбира органзирање на самостојна излоба во Културно информативниот центар (КИЦ), Скопје.

Додека ја правев селекцијата на делата, спонтано се потсетував на процесите при создавањето на иситите, и сфатив дека за сите заеднички би бил поимот „релација“. Не велам дека тој поим рационално го избрав пред почетокот на творењето, или пак дека свесно го аплицирав низ творечкиот процес.
Но, беше евидентен и во сеќавањата и во делата, пост-фестум. На пример, како релацијата помеѓу светлото и сенката кои опишуваат форми на лицето. Или релацијата помеѓу парчињата мозаик кои во својот сооднос создаваат уникатна композиција. Или релацијата помеѓу гравитациските сили на масите и нивниот деликатен (дис)баланс. Или, конечно, гравитациската, привлечна сила која ме носи пред празното платно, исто како пред него.
Релација чија големина не можам да ја разберам, но морам да ја посведочам и запишам, онака како што најдобро знам, со визуелни симболи.

,,Затоа творам, за да не полудам од спротивноста на она што го чувствувам и она што го живеам. Творам да ја откријам својата ранливост од твоето отсуство. Во делата се зборовите што тишината никогаш не ни дозволи да ги искажеме. А, секој пат кога ќе го видам твоето лице, јас сум поблиску до себе си”, истакна Петрова.
В.К.

