Популарната хрватска поп пејачка Весна Писаровиќ доаѓа во Македонија.
Таа ќе одржи концерт на 28-ми март 2026 година, сцената на Филхармонија во Скопје, а од нејзиниот ПР тим најавуваат дека Филхармонија ќе биде местото каде што препознатливиот глас што ги одбележа 2000-тите години ќе одекне со својата полна сила, во вечер исполнета со емоции, носталгија и врвна музика.
-Во организација на Евентум продукција, македонската публика конечно ќе има можност да ја види и слушне во живо хрватската пејачка која со своите безвременски хитови како „Да знаш“, „Јутро доноси крај“ и „Сасвим сигурна“ стана симбол на една ера и остави неизбришлива трага на регионалната музичка сцена. Македонската публика ја памети и по дуетот кој го сними со Владо Јаневски за хрватската верзија на евергринот „Љубовта е моја религија“.
Весна по неколку години музичка пауза и живот во Берлин, каде што се посвети на џез музиката и настапуваше на престижни европски сцени, се враќа на поп сцената посилна од кога било, со нова енергија и звук што совршено го спојува нејзиниот препознатлив емоционален израз со свежи музички влијанија.
Во Скопје ќе ја слушнеме во најдоброто нејзино издание – со спој на нејзините големи хитови и нови изведби што ќе ја воодушеват публиката и ќе ја потсетат зошто нејзината музика сè уште живее во срцата на сите генерации, велат од тимот на Писаровиќ.
-Многу сум возбудена што конечно ќе пеам во Скопје! Македонија отсекогаш била земја со прекрасна публика и голема љубов кон музиката. Верувам дека оваа вечер ќе биде посебна – исполнета со емоции, спомени и топлина. Едвај чекам да се сретнеме и да ги отпееме песните кои нѐ поврзаа сите овие години, вели Весна Писаровиќ, најавувајќи настап што ќе биде едно од најемотивните музички доживувања во 2026 година.
Билетите за концертот се веќе во продажба преку www.sountix.com.
Б.Н.
По музичката пауза и животот во Берлин, Весна Писаровиќ доаѓа во Македонија: Најави емотивно доживување со публиката
2 Mins Read

