Бугарската невладина хуманитарна организација ,,Невидими животни” организира протест на кој ќе бара правда за кучето Маја, кое беше прегазено од доктор од Македонија, како и построги казни за делото – суровост кон животните. Од организацијата го најавија протестот пред Воено-медицинската академија во Софија, каде работел докторот од Делчево, денес во 16.30 часот, и повикаа на масовност.
Како што е наведено во соопштението на ,,Невидими животни”, се повикуваат сите учесници на протестот со себе да понесат каиш од куче, а потоа каишите ќе биле оставени пред влезот во болницата, како симбол за изгубените животи во тишина.
Повикот за настанот е објавен на голем број на страници на социјалните мрежи, а настанот покрена лавина од јавни реакции во регионот.
Како што објавија вчера во вестите на бугарската Нова.бг, докторот од Делчево бил суспендиран од работа, а од ВМА изјавија дека тој нема да ги извршува своите службени должности додека не се заврши истрагата. Исто така, од болницата истакнаа дека нема да толерираат никаква манифестација на агресија.
Над 200.000 лица ја потпишале и петицијата со која се бара правда за 14-годишното куче, чија смрт е снимена на надзорни камери, а видеото предизвика голема вознемиреност во јавноста.
Во Бугарија за убивање или пак измачување на животно, казната е лишување од слобода од една до пет години и глоба од 1.000 до 5.000 лева. Според тамошниот закон, ако делото е извршено со голема жестина, на суров начин или на јавно место, казната е затвор од две до осум години и санкција од 2.000 до 10.000 лева.
Истовремено, група на граѓани од Делчево упатија отворено писмо до јавноста, во кое тврдат дека нивниот сограѓанин, докторот, кој двапати помина со возилото преку кучето и не му пружи помош, бил голем хуманист и неправедно се вршел линч врз него.
Деск

