Немал потребна дозвола за настап, не се издавале фискални сметки, се пушело, а во локалот имало повеќе гости од дозволениот број, тоа е наведено во официјалното известување од страна на Министерството за внатрешни работи, по повод настанот во Кавадарци, за време на настап на српскиот пејач Аца Лукас.
-На 22.11.2025 во 00:10 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го приведоа А.В. (57) од Република Србија. При вршење на акциска контрола во угостителски објекти на подрачје на Кавадарци, од страна на полициски службеници од ОВР Кавадарци, Одделение за криминалистички работи при СВР Велес, инспектор за странци од Регионален центар за гранични работи Југ, заедно со Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Управа за јавни приходи, било констатирано дека во угостителски објект во Кавадарци А.В. настапувал без потребната дозвола.
Против А.В е поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци, а од страна на Основен суд Кавадарци му била изречена парична казна. 
При контролата во истиот угостителски објект констатирани се прекршоци од страна на УЈП за неиздавање на фискална сметка, прекршок согласно Закон за пушење, a од страна на ДПИ е констатирано дека во објектот се присутни поголем број на гости од дозволениот број, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Министерството за внатрешни работи во соработка со другите надлежни институции, ќе продолжи и во наредниот период со зајакнати акциски контроли на територијата на целата држава, со цел санкционирање на било какво кршење на законите, соопштија од МВР.
Прекинувањето на настапот на Лукас од страна на полициски службеници, негово спроведување во полициската станица во Кавадарци во раните утрински часови, предизвика бројни шпекулации.
За најавениот настан, од Општина Кавадарци уште пред три дена ги известиле надлежните институции, бидејќи процениле дека постои ризик за безбедноста на гостите, поради ограничениот капацитет на локалот, каде што подоцна и полицијата утврдила дека имало присуство на поголем број на луѓе, од дозволеното.
В.К.

