Популарниот српски рапер Девито во саботата одржа концерт во Скопје, во Спортската сала Јане Сандански, а за време на концертот во два наврати на телефонскиот број за итни случаи 112, имало пријави за наводно поставени експлозиви, како во салата, така и во хотелот до неа.
Од Министерството за внатрешни работи го потврдија случајот.
-На 22.11.2025 во 20:51 часот и 21:17 часот на линијата за итни повици 112 се добиени телефонски пријави за наводно поставени експлозивни направи во објектите на Спортската сала „Јане Сандански“ и хотелот до неа.
Веднаш се преземени неопходните мерки и активности од страна на полициските службеници, извршени се потребните проверки и утврдено е дека станува збор за лажна пријава.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од МВР.
Инаку, за лажните дојави за бомби на концерот на музичарот во Скопје, објавија и српските медиуми. Девито е доста популарен во регионот, а настапува со маска на лицето и го криеше својот идентитет долг период, се додека не беше обелоденето дека неговото име е Давид Љубеновиќ, момче по потекло од Крагуевац.
Б.Н.

