Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денес објави дека Европскиот суд за човекови права, по пет години откако поднела апликација, отварал прашања во однос на повреди на правото на правично судење, за случајот за кој таа беше осудена на четири години затвор.
-Европскиот суд за човекови права денес објави дека отвара сериозни прашања во однос на документираните повреди на правото на правично судење во предметот против мене, за набавката на блиндирано возило за потребите на државата.
Овие прашања не се само потврда на целото беззаконие и бескрупулозност на инсталациите на претходната власт во правосудството во однос на мене лично, туку и потврда дека токму тие инсталации беа најмоќната алатка за остварување на целите на таа влада.
Иако поминаа скоро 5 години од поднесувањето на апликацијата пред ЕСЧП, а јас издржав неправедна драконска казна и штетата која ја претепев на приватен и професионален план не може да се надомести, сепак сознанието дека од страна на ЕСЧП овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција, објави Јанкулоска.
Додава дека можеби конечно оние со 2% доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните права.
-Госпоѓата која денес е на столбот на срамот, а која за своите злодела беше од страна на претходната власт дебело наградена со висока функција е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор. Се надевам дека конечно ќе има одговорност за сите сторени зла, но и ако тоа не се случи, немам дилема дека никој не може да му избега на судот на историјата, порача поранешната министерка.
Јанкулоска беше осудена за злоупотреба на службената положба и овластувањата во случајот „Тенк“, односно за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, во време додека Никола Груевски беше премиер.
Деск

