Синоќа на сцената во НУ Центар за култура ,,Ацо Ѓорчев” Неготино, по долги години пауза, во полно светло се врати аматерскиот театар со претставата ,,Што виде батлерот”.

Во режија на Златко Цветковски, со новоформирана актерска екипа, премиерата на претставата покажа дека Неготино е град желен за културни настани.
Горан Димов од Центарот за култура, кој е иницијатор на враќањето на аматерскиот театар, за ВИКИМЕДИА вели дека во рекордно време се распродале влезниците, а сликите од салата исполнета до последно место, му ја вратиле надежта дека аматерскиот театар е проект кој ќе живее, и во иднина ќе понуди уште многу културно-забавни содржини за неготинци.
-Актерската екипа е задоволна од тоа како се изведе претставата, а уште позадоволна беше публиката, што ни е јасен показател дека овој проект и целиот труд вложен во него, навистина вредеше. Синоќа Неготино се врати назад во добрите стари времиња, кога поранешниот аматерски театар беше вистинска атракција и кога салата се полнеше до последно место како од шега.

Горд сум на сите кои беа дел од ова доживување, нашиот аматерски театар не запира овде, веќе се прават планови за идни содржини за кои граѓаните навремено ќе бидат информирани, ни изјави Димов.
Аматерската актерска група е составена од Митко Андоновски, Славица Најдовска, Ѓорѓи Ташулов, Тодор Димов, Марија Пенкова, Благица Ѓошева и Лазе Ѓорѓиев, неуморно одржува секојдневни проби. Покрај нив се и суфлерите Ангела Најдова и Јована Алтанџиева, Боро Ничков кој е задолжен за музиката, шминкерката Дијана Ангелов, фризерката Зорица Богоева, режисерот Златко Цветковски, а пак Горан Димов бил задолжен за фотографиите и плакатите.
Вики Клинчарова
Фото: Горан Димов

