Советниците во општинскиот Совет во Неготино, Елеонора Настова Димова и Вуле Младеновиќ од редовите на СДСМ, кои предизборно ветија дека во тек на нивниот 4-годишен мандат ќе се откажат од своите паушали и ќе ги пренаменат во хуманитирани цели, своите први примања во висина од 20.500 денари ги донираа за лекување на нивната сограѓанка Лилјана Коцева. Нивни сопартијци во тек на вчерашниот ден ги објавија банкарските налози на кои е евидентирана извршената уплата.

Инаку, во тек на предизборната кампања на Локалните избори, тие соопштија дека доколку ја добијат довербата на сограѓаните, во целост ќе ги донираат хонорарите за хуманитарни цели, во корист на граѓаните и заедницата и упатија порака до останатите кандидати од цела држава да го следат нивниот пример.
Лилјана Коцева пак, за која деновиве се организираат хуманитарни настани во општината, треба да замине на хируршка интервенција на приватна клиника во Турција.
Нејзината мајка Наталија за ВИКИМЕДИА минатата недела раскажа дека им е потребна помош од солидарните граѓани, за да ја обезбедат потребната сума од околу 13.000 евра. Ова ќе биде четврта операција на храброто девојче, кое се надева дека конечно ќе успее самостојно да застане на нозе.
Сите кои се во можност да помогнат, можат да донираат преку хуманитарната организација Павел Андреев на следниот линк:
https://pavelandreev.org/mk/campaign/chekor-po-chekor-za-nasmevkata-na-liljana
В.К.

