Пред неколку дена за првпат се објавија фотографии од островот на Џефри Епстајн, кои, како што пренесуваат светските медиуми, биле направени во 2020 година од страна на властите.
Епстајн беше американски финансиер и пријател со голем број на влијателни имиња од светот на политиката и бизнисот, а стана познат во светот поради серија тешки обвиненија за сексуална злоупотреба и трговија со малолетни лица. Роден е во Њујорк во 1953 година; тој ја започна својата кариера како наставник, но брзо преминува во финансискиот сектор, каде што изградил мрежа на моќни и влијателни контакти.
Иако важеше за дел од елитата, неговото име стана синоним за еден од најголемите скандали. Во 2008 година беше осуден за сексуална експлоатација на малолетничка и регистриран како сексуален престапник. Во 2019 година беше повторно уапсен, овојпат под обвинение дека водел мрежа за сексуална експлоатација на малолетни девојчиња. Во август 2019 година Епстајн почина во затвор, чекајќи го судењето, оставајќи зад себе бројни нерешени прашања, мрачни тајни и контроверзии кои и денес предизвикуваат интерес и дебати. 
Пред неколку дена на социјалните мрежи испливаа досега непознати за јавноста морничави фотографии и снимки од неговиот приватен остров. Фотографиите и видеата прикажуваат неколку спални соби во неговиот дом на Американските Девствени Острови, како и просторија со маски закачени на ѕидот и телефон со имиња напишани за брзо бирање.
Во соопштение, демократскиот лидер на комитетот, Роберт Грасија, изјави дека фотографиите заедно претставуваат „вознемирувачки поглед“ во светот на Епстајн и дека се објавени за да се „обезбеди јавна транспарентност“.
На 19-ти ноември претседателот Доналд Трамп потпиша закон кој наредува објавување на владините досиеја за починатиот осуден сексуален престапник — значајна пресвртница во повеќемесечната борба околу документите. Тие досиеја содржат огромен број собрани материјали за време на двете кривични истраги против Епстајн, вклучувајќи транскрипти од интервјуа и конфискувани предмети. Повеќе преживеани жртви тврдат дека биле тргувани и злоставувани на островот, познат како Little St. James, кој Епстајн го купил во 1998 година.
Фотографиите биле направени во 2020 година од страна на властите, а официјално беа објавени на трети декември годинава. Тие прикажуваат нешто што изгледа како стоматолошка столица и просторија со црна табла на која се испишани зборови како „измама“, „вистина“ и „моќ“. Некои од зборовите се цензурирани. Во соопштение, демократите од Комитетот за надзор велат дека фотографиите и видеата потекнуваат од барање поднесено на 18 ноември до државниот обвинител за U.S. Virgin Islands, поврзано со истрагата за Епстајн и неговата затворена соработничка Гислејн Максвел.
„Овие нови снимки претставуваат вознемирувачки поглед во светот на Џефри Епстајн и неговиот остров“, изјави Грасија. Објавата исто така вклучува и видео кое прикажува прошетка низ имотот на Епстајн. Се гледа базен опкружен со палми, со статуа на столб и патека што води до океанот. 
Жртви на Џефри Епстајн повторно го подигаат гласот, барајќи целосно осветлување на неговите криминални активности и списокот на неговите познати соработници. Американската влада, тврдат тие, сè уште држи информации што јавноста има право да ги види.
Марина Ласерда, која зборуваше јавно за прв пат, откри дека била присилувана да работи за Епстајн од 14 до 17 години, додека тој не ѝ рекол дека е „прерасната“.
„Сè што претрпев ќе ме следи засекогаш“, рече таа. Ани Фармер, на возраст од 46 години, сподели дека на 16 години била однесена во Њу Мексико.
„Мојата сестра го пријави злоставувањето, но ништо не се случи. Бев сама и беспомошна“, рече таа.
Џес Мајклс, жртва од 1991 година, откри: „Години мислев дека сум единствената. Сега знам дека многу други преживеале исто и бараме правда.“
Настанот во Вашингтон беше организиран од американски законодавци кои бараат објавување на дополнителни досиеја за Епстајн, кој почина во 2019 година.
„Ова не е само за минатото; ова е за правдата за сите преживеани“, рече еден од организаторите, а пренесоа голем број на американски медиуми.
М.К.

