Родителите на младинците и децата кои загинаа во пожарот во Кочани, јавно се огласија со соопштение до јавноста. Тие известуваат дека не се точни шпекулациите дека барале да биде откажана новогодишната програма во градот, и ја поддржувале иницијативата за достоинствено одбележување на празниците во Кочани.
-Во последните денови во нашиот град – Кочани се појавија шпекулации дека Новогодишната прослава и празничното украсување на градот ќе бидат откажани и сведени на минимум, поради наводни барања од нашите семејства – родителите на трагично загинатите деца во дискотеката „Пулс“.
Со ова соопштение сакаме јавно и искрено да појасниме дека таквите тврдења не се точни, истакнуваат семејствата и додаваат дека никогаш не побарале, ниту сугерирале откажување или ограничување на новогодишните активности, ниту пак поставиле какво било барање поврзано со празничното украсување на градот.
-Напротив — со искрено разбирање ја поддржуваме секоја иницијатива за убаво и достоинствено одбележување на Новогодишните и Божиќните празници во Кочани.
Веруваме дека празничната светлина, украсите и прославите се природен дел од животот во нашиот град и отсекогаш беа и остануваат во надлежност и одлука на Општината.
Затоа апелираме поврзувањето на нашите семејства со одлуки за прослави или украсување да престане, затоа што ваквите недоразбирања ненамерно создаваат дополнителна болка во период кој и онака е тежок за нас.
Нашиот фокус останува истиот — правда, одговорност и поголема безбедност за сите млади, за ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори.
Ги повикуваме граѓаните да не подлегнуваат на дезинформации, а институциите и јавните чинители да бидат внимателни при изнесување информации поврзани со трагедијата, соопштија семејствата.
Деск
НИКОГАШ НЕ СМЕ БАРАЛЕ ДА СЕ ОТКАЖЕ НОВОГОДИШНАТА ПРОГРАМА, ВЕЛАТ РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ МЛАДИНЦИ ВО КОЧАНИ
2 Mins Read
Previous ArticleНАЈАВЕНИ ЧЕТИРИ КОНЦЕРТИ СО НОВОГОДИШНИ ЗВУЦИ!

