Кривичниот совет при Основен суд Кавадарци ги прогласи за виновни тројцата кавадарчани Д.Б. (27), М.Ѓ. (36) и Д.С. (28) обвинетите за кривично дело „убиство“ на сограѓанинот Панче Т. (43) и ги осуди на казна затвор во траење од по 10 години, поединечно.
Настанот се случи минатиот август, раните утрински часови, кога во ОВР Кавадарци било пријавено дека на заден влез во казино на улица „Никола Минчев“ во Кавадарци, неколку лица физички нападнале едно лице, кое паднало на земја и на кое му била потребна помош. Станувало збор за Панче Т.(43), кај кого и покрај укажаната помош, екипа од Итна медицинска помош констатирала смрт. Осомничените беа лишени од слобода, а кавадарчани бурно реагираа поради трагедијата, посочувајќи дека тоа е само уште едно сведоштво за тоа како комарот уништува животи.
Како што раскажуваа тогаш за ВИКИМЕДИА, убиениот Панче го очекувал раѓањето на своето второ дете и беа вознемирени од настанот.
-Не е во прашање само прекинатиот живот на младиот Панче и уништените животи на неговото семејство, уништени се и животите на младите лица кои биле вмешани во оваа трагедија! Срозени се и нивните фамилии, и за жал, казината и после се остануваат насекаде низ градот, достапни на сите, и секако носејќи ги со себе сите последици како за комарџиите, така и за нивните семејства кои страдаат.
Колку вакви случаи има низ земјата, колку убиства поради комар и долгови, па дури и самоубиства, колку тепачки се случуваат годишно? И не се жртви само тие кои играат комар, дури уште поголеми жртви во овие случаи се нивните семејства, нивните деца. Во овој случај, уште неродено дете го изгуби таткото, реагираа граѓаните.
По повод пресудата на тројцата кавадарчани, Основното јавно обвинителство Кавадарци најави жалба.
ПО 10 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА УБИСТВОТО НА ПАНЧЕ КОЈ ГО ЗАГУБИ ЖИВОТОТ ДОДЕКА ГО ЧЕКАШЕ ВТОРОТО ДЕТЕ
2 Mins Read

