Езерото Блед е едно од најатрактивните туристички дестинации во Словенија, познато по својата природна убавина и живописни пејзажи. Сместено во регионот на Јулиските Алпи, во северниот дел на земјата, езерото е опкружено со планински врвови покриени со снег, а на неговиот брег се наоѓа и познатиот остров со црква.
Локацијата е лесно достапна и се наоѓа во близина на границата со Австрија, што ја прави популарна и кај туристите од соседните земји. По самото пристигнување ќе ве воодушеви зелената глетка на прекрасното езеро и самата природа околку него. 
Како да стигнете до Езерото Блед од Љубљана
Езерото Блед е само еден час возење од словенечката престолнина, Љубљана, што го прави лесно достапно за краток излет. Без разлика дали ја претпочитате удобноста на изнајмен автомобил или поевтините опции на јавниот превоз, постојат повеќе начини да стигнете до оваа позната дестинација.
Ако патувате со автомобил, патувањето од Љубљана до Блед е едноставно и живописно, со добро одржувани патишта низ словенечката природа. Автомобилот ви дава слобода да истражувате и околните атракции, како Кањонот Винтгар или Езеро Бохињ, според сопственото темпо. Сепак, во туристичката сезона паркингот може да биде ограничен, па се советува да пристигнете порано. За оние кои патуваат со понизок буџет, јавниот автобус е одлична опција.
Директни линии од централната автобуска станица во Љубљана до Блед се чести, а патувањето трае околу 1 час и 20 минути. Билетите се достапни по прифатливи цени, а автобусот ве остава блиску до езерото, само неколку минути пешачење до главните атракции.
Исто така, може да се патува и со воз до станицата Леше-Блед, која се наоѓа околу 4 км од езерото. Од таму потребно е да се користи локален автобус или такси за да стигнете до брегот на езерото.
Иако возот нуди убави погледи, автобусот обично е поудобен избор бидејќи ве оставa поблиску до центарот на градот. 
Изнајми традиционален дрвен плетна-чамец
Додека шетате покрај Езеро Блед, обратете внимание на чамците кои се достапни за изнајмување. Едно од најпознатите доживувања на Блед е пливањето со традиционален дрвен плетна-чамец или изнајмување на мал чамец за да стигнете до островот Блед, живописниот остров во средината на езерото.
Чамци можете да изнајмите од едно од пристаништата покрај брегот, а цената обично се движи околу 15–20 € за час. Патувањето со чамец до островот трае околу 15–20 минути, а откако ќе пристигнете, ќе имате време да ја разгледате Црквата Успение на Пресвета Богородица, позната по 99-те камени скали и легендата дека звончењето на нејзиното ѕвоно носи среќа!
Покрај црквата, островот е прекрасно место за прошетка, уживање во погледот на езерото и мирен момент далеку од гужвата на брегот. 
Пробај ја прочуената кремпита од Блед
Во 1953 година, Иштван Лукачевиќ ја совладал рецептурата за крем питата. Работејќи во Хотел Парк, Лукачекив, како мајстор за слатки, создал „кремпита“, која подоцна станала најпопуларниот десерт во градот. Всушност, секоја година се продаваат повеќе од половина милион кремпити во Блед. Сега можете да најдете многу варијации на оригиналот низ градот. Рецептот е копиран, но никогаш повторно дуплиран, бидејќи тајната формула останала затворена во последните децении.
Доколку сакате да го пробате вистинскиот вкус, мора да се упатите кон Хотел Парк.
Прошетка околу Бледско езеро – едно прекрасно доживување за кратко време 
Ако во Блед сте само неколку часа – прошетката околу езерото е активност што не смее да ја пропуштите. Целиот пешачки круг е долг околу 6 км и е многу лесен -повеќето луѓе го поминуваат за приближно 1,5 часови.
Тргнете од каде и да сакате – патеката е добро одржувана, асфалтирана или земјена, а на неколку места има дрвени мостчиња со поглед кон езерото. По пат, ќе поминете покрај плажи, кајци, викенд вили, пристаништа, како и места каде што може да седнете, одморите и само да уживате во амбиентот.
Марија Клинчарова

