Повеќе од два часа вчера заседаваа неготинските советници, на тема можно прифаќање на мигранти во општината.
Општина Неготино вчера одржа вонредна седница на барање на советничката група на СДСМ, на тема информации за можни згрижувања на одбиените баратели на азил од Велика Британија во Македонија, односно во Општина Неготино.
Како што истакнаа советниците од СДСМ, седницата е поради објави во британски медиуми околу евентуално згрижување на мигранти во земјава, и бараа информации од градоначалничката Марија Нацева која доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за каков договор помеѓу Британија и владата на ВМРО-ДПМНЕ станувало збор. Потенцираа дека се против било каков договор кој вклучува носење на мигранти, одбиени баратели на азил во Британија.
Градоначалничката Нацева тврди дека одбиени мигранти од Велика Британија како резултат на договор помеѓу двете земји, на територијата на Општина Неготино и во Македонија нема да има.
-Општина Неготино останува безбедна и мирна општина за живеење. Ве замолувам да не бидеме жртва на никакви шпекулации и дезинформации.
Ако тоа го вели почитуваниот претседател на најголемата партија ВМРО-ДПМНЕ, и претседател на Влада, Христијан Мицкоски, тогаш повеќе од сигурно е дека ниту еден мигрант нема да дојде во Македонија.
Впрочем, самиот премиер во залог ја стави својата политичка кариера со експлицитна изјава дека ако и само еден мигрант стапне на територијата на Македонија, тој ќе се повлече од политиката. Поголема гаранција од ова, ниту еден политичар нема дадено во Македонија, истакна Нацева.
Порача секој кој имал конкртени докази за носење на мигранти, истите да ги достави во Општина Неготино, и потсети дека ширењето на лаги и дезинформации е кривично дело.

Наспроти нејзиното тврдење, советниците од СДСМ порачаа дека не веруваат во кажани зборови и бараат дополнителни информации и официјални документи во однос на прашањето со евентуално прифаќање на одбиените баратели на азил од Британија.
Исто така, тие побараа советниците да донесат заедничка одлука, со која би се заштитиле од носење на одбиени азиланти во општината, за која се надевале дека во иднина ќе била изгласана.
Шпекулациите дека власта планира да отвори мигрантски бази започнаа откако во повеќе влијателни британски медиуми се објави веста дека има можност за потенцијални договори со Македонија и други балкански земји, мигрантите да бидат префрлени во “центри за враќање” во трети земји на Балканот, што би испратило сигнал до другите мигранти од земјите Авганистан, Еритреја, Судан и други, дека сепак можат да бидат депортирани од Обединетото Кралство, дури и ако не е изводливо да се вратат во своите матични земји.
Според пишувањата во британските медиуми, како Телеграф, Дејли Меил, Сан и други, во балкански земји каде евентуално би биле прифатени, мигрантите би биле охрабрени да побараат азил или да добијат работни визи во сектори каде што има голем недостиг на работна сила, како што е градежништвото на пример.
За конкретен договор помеѓу Македонија и Велика Британија засега никаде не станува збор, туку во објавите во британските медиуми пишува за преговори на Британија со Балканот, и за евентуална можност за постигнување на таков договор.
В.К.

