Ролинг Стоунс ја откажаа својата планирана турнеја на стадиони во Велика Британија и Европа во 2026 година, бидејќи Кит Ричардс не можеше да се обврзе на толку напорен распоред.
Доколку продолжеа, концертите ќе беа првите настапи на легендарниот бенд во Европа по нивната турнеја “Hackney Diamonds” во САД во 2024 година. За време на таа турнеја, беа продадени речиси милион билети за 20 концерти, со заработка проценета на околу 235 милиони долари (185,1 милиони фунти), со што турнејата се најде на шестото место на листата на најпрофитабилни музички турнеи во светот за таа година.
Сега, сепак, е потврдено дека плановите за концертите на стадионите во 2026 година се ставени во мирување бидејќи Кит Ричардс не можел да се обврзе на исцрпувачкиот распоред.
Веста првпат ја објави “The Sun”, цитирајќи американски музички критичар кој изјави дека 82-годишниот гитарист не е подготвен за уште една голема турнеја.
“Ролинг Стоунс имаа бројни промотери кои им нудеа разни идеи и датуми за следното лето”, изјави еден критичар. “Но, кога седнаа сериозно да разговараат за турнејата, Кит рече дека не мисли дека може да се обврзе и дека не е расположен за голема стадионска турнеја која би траела повеќе од четири месеци”.
Портпаролот на Ролинг Стоунс за НМЕ потврди дека овие тврдења се точни.
Истиот извештај исто така цитира изјава од портпаролот на бендот: “Бендот размислуваше за турнеја порано оваа година, но тогаш не беше можно да се реализираат плановите. Тешко е за фановите, но Стоунс ќе се вратат на сцената кога ќе бидат подготвени.”
Што се однесува до новата музика, гласините за работа на нов материјал се појавија претходно ова лето, а дополнително беа поттикнати во септември кога продуцентот Ендру Вот откри дека повторно соработува со бендот на нов албум.
Вот, кој е познат и по својата работа со Елтон Џон, Лејди Гага и Ед Ширан, исто така соработуваше со Ролинг Стоунс на нивниот последен албум, 24-тиот студиски албум “Hackney Diamonds” од 2023 година, кој освои Греми, и тоа беше првиот албум по смртта на тапанарот Чарли Вотс.
Подоцна во септември, Рони Вуд лично потврди дека новиот албум е во изработка. Во разговор за колумната “Бизар” на “The Sun”, тој изјави: “Да, ќе добиете нов албум следната година. Албумот е готов.”
Кога беше прашан за можноста тој, Мик Џегер и Кит Ричардс повторно да одат на турнеја, Вуд одговори: “Да, се надеваме дека ќе одржиме неколку концерти. Се надеваме дека ќе се вратиме на сцената, но јас сè уште чекам да ги слушнам деталите.”
Покрај тоа што Ендру Ват навести дека нов албум на Ролинг Стоунс би можел да излезе во 2026 година, гласините дополнително се разгореа со изјава од синот на Кит, Марлон Ричардс, кој исто така потврди дека бендот работи на нов албум и го опиша како “речиси готов”.
Б.Н.
ОТКАЖАНА ЕВРОПСКАТА ТУРНЕЈА НА РОЛИНГ СТОУНС, РАСПОРЕДОТ БИЛ ИСЦРПУВАЧКИ ЗА 82-ГОДИШНИОТ КИТ РИЧАРДС
3 Mins Read
Previous ArticleВИСТИНСКАТА ЗИМА И СНЕГОТ ДОАЃААТ ЗА ЕДНА НЕДЕЛА

