Вчера во 20:05 часот на крстосница од ул.„Народен Фронт“ и ул.„Коле Подлешки“ во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода А.М.(35) од Кавадарци, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од таму додаваат дека претходно, тој со патничко возило „форд“ со велешки регистарски ознаки удрило во паркирано патничко возило „сузуки“ со кавадаречки регистарски ознаки, паркирано од Т.А.(55) од Кавадарци.
При преземање мерки во врска со незгодата, констатирано е дека А.М. го управувал возило под дејство на алкохол, односно дека има 3,21 промили алкохол во крвта.
Од министерството информираат дека се спроведуваат зајакнати акциски сообраќајни контроли по повод Европската недела на контроли.
Акциските активности се насочени кон откривање и санкционирање на возачи кои управуваат моторно возило под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди.
-Имајќи предвид дека, се наоѓаме во период на верски и предновогодишни прослави, кога е зголемен ризикот од управување возило под дејство на алкохол и психотропни супстанции, сообраќајната полиција ќе презема засилени контроли и превентивно-репресивни мерки на патиштата низ целата држава, порачаа од МВР.
Деск

