Еко движењето ,,За почиста Македонија” започна онлајн петиција, со која се бара воведување на казни за фрлање на ѓубре од автомобил.
Како што е наведено во петицијата, во Македонија веќе е поставен системот Safe City, кој во моментов функционира во тест фаза и преку видео надзор издава опомени за сообраќајни прекршоци.
Со оглед на тоа што технологијата веќе е инсталирана и активна, постои реална можност овој систем да се надгради и да придонесе и во други важни области од јавниот интерес.
-Една од појавите која долго време претставува проблем во нашата држава е фрлањето отпад, особено отпушоци и ситен отпад од возила во движење. Овој вид непрописно одложување отпад е чест и оставa последици врз животната средина и јавната безбедност.
Со оваа петиција се предлага, во рамките на понатамошното развивање на системот Safe City, да се разгледа можноста за воведување функционалност за детекција и санкционирање на фрлање отпад од возила.
Целта е не само спречување на прекршоците, туку подигање на јавната свест, намалување на загадувањето и зголемување на општата култура и одговорност во сообраќајот, истакнато е во петицијата, која веќе ја потпишале стотици граѓани.
Исто така, додаваат дека камерите веќе ја имале потребната технологија.
-Со оглед дека „Safe City“ камерите веќе препознаваат минување на црвено светло, неправилно паркирање, некористење појас, користење телефон, пребрзо возење и слично, системот може да се надгради со алгоритам за детекција на фрлање предмети од возило, практика која веќе ја има во повеќе европски земји и градови.
Ова е реално изводливо, без големи дополнителни трошоци, пишува во петицијата.
Деск

