Во текот на 2024 и 2025 година, Министерството за правда спровело надзор во сите судови, при што биле утврдени сериозни кадровски недостатоци кај судиите и судската служба, соопшти министерот за правда, Игор Филков.
Пополнетоста на судиските места изнесува 67%, додека кај судската служба само 36%, што директно се одразува врз ефикасноста на судските постапки.
-Во тек на 2024 година беа посетени 19 судови, а во тек на 2025 останатите 15. Беше утврдена недоволна екипираност на судиските места и местата на судската служба.
Од предвидени 636 систематизирани судски места, по последниот избор на судии од 8-та генерација од Академијата за судии и јавни обвинители, вкупно пополнети се 432 судиски места, или пополнетоста изнесува 67 проценти.
Недостатокот на судии е присутен во секој суд, особено во помалите.
Уште поголема загриженост упатуваме во однос на судската служба, која е клучна за ефикасното работење на судовите. Од вкупно 4.705 систематизирани работни места, пополнети се само 1.738, што претставува 36 проценти пополнетост.
Овој сериозен недостаток на кадар директно влијае врз ефикасноста и доведува до одолговлекување на постапките, кажа министерот Филков.
Додаде дека како одговор на оваа состојба, подготвен е сет на клучни закони за јакнење на судството – дел од нив веќе се во владина процедура, а дел се во финална фаза, со позитивно мислење од Венецијанската комисија.
В.К.
СУДСКИТЕ ПОСТАПКИ СЕ ОДОЛГОВЛЕКУВАЛЕ, ОТИ НЕМАЛО ДОВОЛНО СУДИИ И СУДСКИ СЛУЖБЕНИЦИ!
2 Mins Read

